Ѓокереш е блиску до „Златната копачка“, но може да го симнат Мбапе и Салах

Со денешниот гол против Виторија Гимараеш, напаѓачот на Спортинг Лисабон, Виктор Ѓокереш, се зацврсти на првото место во трката за „Златната копачка“ на Европа, но нема веќе натпревари за играње.

Швеѓанецот со унгарско потекло има 58,5 поени, бидејќи головите во Португалија се множат со 1,5. Тој е прв, но може да биде симнат од тронот и признанието за најдобар стрелец во Европа да го добие некој друг, конкретно Килијан Мбапе или Мохамед Салах, а теоретска шанса има и Роберт Левандовски.

Мбапе и Салах имаат по 56 поени, но тие играат во топ 5 лигите, па еден нивен гол се множи со два. Ова значи дека им требаат уште два гола за да го прескокнат Ѓокереш. А, и Мбапе и Салах имаат уште по два лигашки меча за играње.

Полјакот Левандовски има тешка задача, бидејќи во двата меча кои му преостанаа треба да постигне пет гола, и да се надева дека Мбапе и Салах нема да постигнат повеќе од еден гол до крајот на сезоната.

- Оглас -

Најнови вести