Ѓокереш ќе потпише за Арсенал до 2030 година

Арсенал е сè поблиску до ангажман на голгетерот на Спортинг Лисабон, Виктор Ѓокереш. Според информациите од Англија, во последните часови се воделе интензивни разговори, по што англискиот премиерлигаш е сѐ поуверен дека трансферот наскоро ќе биде финализиран.

Швеѓанецот веќе постигнал целосен договор со Топчиите, а се очекува да потпише долгорочен договор до 2030 година. Тој не планира да преговара со други клубови, ниту пак има намера да се приклучи на подготовките на Спортинг.

Иако Спортинг започнува со претсезонските подготовки во понеделник, Ѓокереш добил четири дополнителни дена одмор. Но и по нив, тој нема да се врати во клубот, бидејќи се надева дека дотогаш Арсенал ќе ја заврши зделката.

Според „Си-Ен-Ен Португалија“, трансферот ќе изнесува 65 милиони евра, плус уште 15 милиони во бонуси.

Овој трансфер ќе биде третиот голем потег на Арсенал летово, откако претходно клубот ги претстави Мартин Зубименди и голманот Кепа Арисабалага.

- Оглас -

Најнови вести