Напаѓачот на Спортинг Лисабон, Виктор Ѓокереш, почна да презема драстични мерки во врска со неговата желба да замине од Португалија и да заигра во англиската Премиер лига, па ја прекинал и врската со португалската актерка Инес Агиар во обид „дефинитивно да ги прекине сите врски со Португалија“.
Шведскиот голгетер веќе донел конечна одлука да го напушти Спортинг ова лето, но клубот бара повеќе пари од договореното, што го налути Ѓокереш. Денеска беше објавено дека тој се договорил со Арсенал и ќе потпише петгодишен договор со Топчиите.
„Виктор не сака ништо да има со Португалија. Пред да оди на одмор, разговарал со Инес, објаснил како се чувствува, а таа била донекаде подготвена на ова, иако ѝ било тешко бидејќи многу го сакала“, открива извор близок до двојката.
Се шпекулира дека Инес го убедувала да остане во Спортинг, но тој е цврсто решен да си замине.
Крајот на врската стана уште поочигледен откако Инес ја пропушти свадбата на соиграчот на Ѓокереш од Спортинг, Мортен Хјулманд, кој се ожени со блиската пријателка на Инес, Емили Софи Нисен. Двајцата сега се на одвоени одмори – фудбалерот е на Миконос, додека Инес ужива во летото во Форментера.
Португалскиот првак наскоро ќе ги собере своите играчи за да започне со претсезоната. Како што стојат работите, Ѓокереш нема да се појави во тренинг-центарот.