Трофејниот македонски стратег Ѓоко Хаџиевски, заедно со својот внук Георг Стојановски, продолжува со одличната работа во Бугарија. Неговиот Спартак Варна денеска ја совлада екипата на Ботев Пловдив со 3-2 и потврди дека се наоѓа во одлична форма во бугарскиот шампионат.
По ремито во претходното коло против шампионот Лудогорец (1-1), тимот на Хаџиевски повторно одигра храбро и квалитетно. Георг Стојановски блескаше и го отвори резултатот во 14-тата минута, но Ботев успеа да израмни преку Цонов пред крајот на првото полувреме.
Во вториот дел, Спартак повторно поведе благодарение на Берна, кому токму македонскиот офанзивец Стојановски му асистираше во 50-тата минута. Гостите од Пловдив накратко се вратија во игра преку Окофлекс, но Берна од пенал во завршницата донесе нови три бода за Спартак Варна.
Ова е шести натпревар по ред без пораз за тимот на Ѓоко Хаџиевски, кој во тој период запиша три победи и три ремија.

