Ѓоковиќ денеска полни 34 години, Надал и Федерер на 34-тиот роденден не беа први на АТП

Најдолговечниот владетел со тенисот, Новак Ѓоковиќ, денеска полни 34 години, а роденденот го одбележува во родниот Белград каде како најдобар на АТП ранг листата ја чека ждрепката за турнирот „Србија опен 2“ на кој ќе настапи неделава.

Рафаел Надал и Роџер Федерер на нивните 34-ти роденден не беа први, туку втори, затоа што во тие недели популарниот Ноле беше број 1. На 34-тиот роденден, Србинот има 18 грен-слем титули, а за споредба, Федерер на 8 август 2015 година имаше 17, додека Надал лани кога го прослави 34-тиот роденден имаше 19.

Федерер и Надал се на делба на рекордот и првото место со по 20 грен-слем титули, но според формата, а и возраста која ја имаат, Швајцарецот веројатно ќе остане на толку, додека Шпанецот може да освои уште некој и може уште на „Ролан Гарос“ да стане рекордер во историјата на машкиот тенис.

Ѓоковиќ е на 18, а негова цел во кариерата е да ги надмине ривалите. Има шанса, особено што не покажува слабост на физички план, и што тој игра одлично на тврда подлога и на трева, а три од четирите грен-слема во годината се на такви подлоги.

- Оглас -

Најнови вести