Роџер Федерер ја сонува стотката, но ќе мора да ја мине најтешката можна пречка во Париз, а пред него денеска ќе застане најдобриот тенисер во моментов, Новак Ѓоковиќ.
Двајцата големи мајстори на тениската игра по 47. пат ќе бидат од спротивната страна на мрежата и билансот е 24:22 за Новак. Српскиот тенисер е во страшна форма, има 21 победа во низа и 30 на последните 31 меч, што му ја дава улогата на фаворит.
Мотивите на Федерер по триумфот против Нишикори со 6:4, 6:4 се да ја мине големата пречка и потоа да се обиде да ја освои импресивната 100-та титула на тениските турнири. Повеќе од него има само Џими Конорс, точно 109.
Ѓоковиќ во Париз е како на свој терен и има 4 шампионски круни, годинава веќе го победи Федерер, во финалето на Синсинати, каде ја освои титулата што му недостасуваше од Мастерс турнирите.
Финалето, пред финале во Париз ќе се игра од 16.30 часот, а ривал во завршниот меч за титулата на Ѓоковиќ, или Федерер ќе биде победникот од првото полуфинале, меѓу Доминик Тим и Карен Хачанов, што ќе се игра од 14 часот.