Новак Ѓоковиќ немаше проблеми во првиот свој настап во сингл на Мастерсот во Париз и за помалку од еден и пол час игра, со 6-3, 6-2 го совлада Аргентинецот Томас Ечевери.
Ова беше 1.289-ти меч за Ѓоковиќ на АТП-турнирите, со што го надмина Рафаел Надал на вечната листа. На оваа листа рекордер е Џими Конорс со 1.557 одиграни мечеви.
Во следното коло, кое е осминафинале, Србинот и прв носител ќе се сретне со Холанѓанецот Талон Грикспор, кој го елиминира Шпанецот Давидович-Фокина.
На Ѓоковиќ му е отворен патот до титулата во Париз, со оглед на тоа дека веќе испаднаа неговите главни конкуренти Карлос Алкарас и Данил Медведев. Сега главен конкурент би можел да му биде четвртиот носител Јаник Синер.