Ѓоковиќ е на седум дена од историја!

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ја започна 376-тата недела на првото место на АТП-листата. Ѓоковиќ со ова само го подобрува сопствениот рекорд во машкиот тенис по бројот на поминати недели како најдобар во тенискиот свет.

Популарниот Ноле се врати на врвот на листата пред две недели, откако триумфираше на грендслем-турнирот во Австралија. Тоа беше негов 22-ри гренслем-трофеј, со што се израмни со Рафаел Надал како најдобри во ова рангирање.

Без разлика на резултатите, во следните две недели Ѓоковиќ ќе остане на чело на АТП-листата, а тоа значи дека веќе следниот понеделник тој ќе стигне до 377-мата недела како најдобар и ќе го израмни рекордот на Штефи Граф, која во женска конкуренција на врвот била 377 недели. Тоа значи дека Ноле прво ќе ја достигне Граф, а веќе за 14 дена ќе стане и апсолутен рекордер затоа што нема шанси никој да го загрози.

Новак е на првото место на АТП-листата со 7.070 бодови, што е за 340 бода повеќе од младиот Шпанец Карлос Алкарас, кој ќе игра на турнир во Буенос Аирес од АТП-серијата 250. Дури и да го освои овој турнир, Алкарас нема да го загрози првото место на Ѓоковиќ.

На третото место на листата е Стефанос Циципас со 5.940 бодови, а потоа следува Норвежанецот Каспер Руд со 5.515 бодови. Место меѓу најдобрите 10 на АТП-листата има и за Рублјов, Надал, Фриц, Ожер-Алијасим, Руне и Хуркач.

 

- Оглас -

Најнови вести