9.8 C
Skopje
вторник, 28 октомври 2025

Ѓоковиќ е незапирлив, се пласира во полуфиналето на Отвореното првенство на САД (Видео)

Новак Ѓоковиќ се пласира во полуфиналето на Отвореното првенство на САД, откако без многу проблеми со 3:1 во сетови го победи Американецот Тејлор Фриц. За Ѓоковиќ ова беше 11-ти меч против Фриц и стигна до 11-тата победа, и тоа со 6:3, 7:5, 3:6 и 6:4.

За Ѓоковиќ ова ќе биде рекордно 53-то гранслем-полуфинале, а негов следен противник ќе биде Карлос Алкарас. На Отвореното првенство на САД по 14-ти пат ќе игра во полуфинале, а исто толку полуфиналиња има и на Вимблдон. На Ролан Гарос има 13 полуфиналиња, додека на Отвореното првенство на Австралија 12-пати бил меѓу четирите најдобри тенисери.

Србинот одлично го започна првиот сет и веднаш направи брејк за водство од 3:0. Потоа на 5:2 имаше сет топка која не ја искористи на сервис на противникот, а потоа на 5:3 спаси брејк поен, па на крајот го доби првиот сет со 6:3.

Во вториот сет, двајцата тенисери загубија по еден свој сервис и беше 5:5 во гемови, кога Ѓоковиќ одигра моќно на сервис на противникот, направи брејк за 6:5 и потоа го доби сетот со 7:5.

Американецот Фриц се врати во третиот сет откако успеа да направи брејк и поведе со 3:1 во гемови и до крајот беше сигурен, добивајќи го сетот со 6:3.

Сепак, толку беше силата на Фриц, бидејќи во четвртиот сет, Ѓоковиќ уште еднаш покаѓа дека е најдобар кога е најпотребно. Водеше со 5:4, а потоа на сервис на Фриц одигра одлично и ја искористи третата меч топка за 6:4 во четвртиот сет и победа со 3:1.

 

- Оглас -

Најнови вести