Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ го напушти Здружението на тениски професионалци (ПТПА), кој самиот го основа во 2019 година, заедно со Васек Поспишил.
Ова е неочекувана одлука на Ѓоковиќ, а Србинот преку соопштение ја образложи својата одлука.
„Внимателно размислив и одлучив во целост да се повлечам од Здружението на тениски професионалци (ПТПА). Оваа одлука ја донесов по долготрајната загриженост во врска со транспарентноста, управувањето и начинот на кој мојот глас и мојот имиџ се претставени. Горд сум на визијата која Васек и јас ја имавме кога го создававме ова здружение, со цел на играчите да им овозможиме посилен и понезависен глас, но сега е целосно јасно дека моите вредности и пристап не се вклопуваат со моменталниот правец во кој се движи организацијата“, беше пораката од Ѓоковиќ.
Рекордерот по бројот на освоени Гренд слем титули се подготвува за првиот од четирите најважни турнири во годината, Отвореното првенство на Австралија.
„Ќе продолжам да се фокусирам на тенисот, на своето семејство и на придонесот во спортот на начин на кој се водам по моите принципи и интегритет. На играчите и сите оние кои се вклучени им посакувам многу успех во понатамошната работа, но за мене ова поглавје е затворено“, додаде Ѓоковиќ.
Гренд слемот во Мелбурн ќе започне на 12 јануари, а Ѓоковиќ ќе атакува на 25-тата Гренд слем титѕула.

