Новак Ѓоковиќ обезбеди пласман во третото коло на Отвореното првенство на Австралија откако во второто коло по 192 минути игра во четири сета и тоа со 6:3,4:6,7:6,6:3 го победи домашниот тенисер Алексеј Попирин, но денеска со својата изјава ги загрижи навивачите.
Ѓоковиќ кој поради настинка се мачеше и во првото коло против младиот Хрват, Дино Прижмиќ, изјави дека не е во иделна состојба.
„Не сум баш во идеална состојба што влијае на интензитетот на мојата игра, а донекаде и на мотивацијата. Се обидувам да го пронајдам вистинскиот Новак и покрај сите потешкотии што ги имам – здравствени, технички и играчки. Засега е така, далеку од тоа дека се жалам, но тоа е ситуацијата во која моментно се наоѓам. Ја прифаќам и се обидувам да го извлечам најдоброто од себе“, изјави Ѓоковиќ.
Во третото коло на гранслем-турнирот во Мелбурн, Ѓоковиќ ќе игра против Аргентинецот Томас Мартин Ечевери, кој во првите две кола славеше над ветераните Енди Мареј и Гаел Монфилс во три сета.
Денеска пласман во третото коло обезбеди и вториот носител Карлос Алкарас кој се мачеше во дуелот со Италијанецот Лоренцо Сонего. Алкарас по 209 минути игра го победи Сонего со 6:4,6:7,6:3,7:6 и си закажа пресметка со Јунленг Шанг во третото коло.
Пласман во третото коло обезбедија и Камерон Нори, Каспер Руд и Александер Зверев кои во пет сета славеа против Зепиери, Пурсел и Клајн, како и Григор Димитров кој со 3-1 во сетови го победи домашниот тенисер Танасис Кокинакис.
Во женска конкуренција, првата носителка Ига Швјонтек со 2-1 во сетови ја победи Даниел Колинс, додека Елина Свитолина на Бугарката Томова и препушти само четири гема.