Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, на завршниот Мастерс во Торино загуби од Италијанецот Јаник Синер, а по мечот рече дека е навикнат публиката да биде против него и сите противници да имаат екстра мотивација кога играат против него.
„Мора да му честитам на Јаник, одигра феноменално, тоа му го кажав и кога се поздравивме на мрежа. Тој вечерва беше похрабар и поодлучен, ги искористи шансите кои му се укажаа, за разлика од мене. Навикнат сум сите да сакаат да ми го земат скалпот. Јас во најголем дел од ваквите дуели во кариерата победував, мислам дека не правев многу грешки, но тоа е спортот, некогаш победуваш, некогаш губиш“, рече Ѓоковиќ.
За да продолжи во битката за титулата во Торино, Ѓоковиќ во следното коло мора да го победи Хуберт Хуркач (влезе на турнирот на местото на повредениот Стефанос Циципас) со 2-0 во сетови. Ако Руне го победи Синер, тогаш Новак не смее да загуби сет против Хуркач, но ако Италијанецот биде подобар од Данецот, тогаш на Србинот му одговара каква било победа над Полјакот.