Новак Ѓоковиќ по четврти пат во кариерата го освои турнирот во Шангај, кој е од Мастерс 1000 серијата. Тој во финалето беше подобар од Хрватот Борна Чориќ со 6-3, 6-4. Сега Ноле е на 215 поени од лидерот на АТП листата, Рафаел Надал.
За Ѓоковиќ, ова беше 1.001 меч во кариерата и има 829 победи. За споредба, Рафаел Надал од првите илјада средби имаше 822 победи, а Роџер Федерер 814.
Ѓоковиќ сега има 32 мастерс титули, една помалку од рекодерот Надал. Турнирот во најголемиот кинески град Новак го освои без да му направат брејк, и без загубен сет, што укажува на неговата доминација. Од стартот на Вимблдон наваму, Србинот има 27 победи и само еден пораз.
Белграѓанецот сега има 3-0 во меѓусебните дуели против 21-годишниот загрепчанец, откако првите две победи беа на земјена подлога. Победникот во Шангај освои 1.000 ATП поени, и парична награда од 1,36 милиони долари.
Поразениот Чориќ ќе мора да се задоволи со 600 АТП поени и 667 илјади долари.