Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ обезбеди пласман во четвртфиналето на Австралија опен откако во три сета го совлада Чехот Јиржи Лехечка со 6-3, 6-4, 7-6. Ривалот најсилен отпор даде во третиот сет, но Ѓоковиќ го доби тај-брејкот со 7-4 на поени. Тоа ќе биде негов 15-ти настап во четвртфинале на Австралија опен, а ќе се сретне со Шпанецот Карлос Алкарас.
Ѓоковиќ во првиот сет го одзеде сервисот на Лехечка во осмиот гем и го комплетираше со 6-3, а во вториот веднаш се стекна со предност и не ја испушти до крајот, за 6-4.
Во третиот сет и двајцата тенисери по еднаш го загубија својот сервис, па сетот отиде во тај-брејк, а таму сепак поумешен беше Новак Ѓоковиќ.
Во следната рунда во Мелбурн, Ѓоковиќ ќе игра против Карлос Алкарас, кој при водство од 2-0 во сетови (7-5, 6-1) се пласираше понатаму, откако Џејк Дрејпер предаде поради повреда.