Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, планира да го пропушти Вимблдон, за да се подготви подобро за Олимписките игри во Париз. Ова го тврди новинарот Крег Шапиро, кој има сопствен тениски поткаст.
Според Шапиро, Србинот сака да игра само мечеви на земјена подлога за да се подготви подобро за олимпискиот турнир, кој исто така ќе се игра на најбавната подлога, и тоа на терените на „Ролан Гарос“.
Ѓоковиќ го откажа учеството на Мастерсот во Мајами и се подготвува за турнирот во Монте Карло, кој почнува на 8 април. Сигурно е дека ќе биде на „Ролан Гарос“ од 20-ти мај до 9 јуни, каде што треба да ја брани титулата.
Олимписките игри во Париз се последна шанса за Новак да го освои златниот медал, кој е единственото вредно нешто што никогаш не го освоил во кариерата.
Доколку навистина не игра на Вимблдон во Лондон, каде што лани беше поразен во финалето, тоа ќе биде за првпат во кариерата. Таму Новак има 18 учества и освои седум трофеи.