Ѓоковиќ и да го освои Вимблдон, може да падне на второ место

Коронавирусот го погоди спортот, некому оваа пауза може и да му одговара, но не му оди во прилог на најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, кој беше во одлична форма, а налетот му беше запрен.

Тениската сезона е замрзната до 7 јуни, откажани се Мастерсите во Мајами и Индијан Велс, а сезоната на земја речиси и ќе ја нема, одложени се турнирите во Монте Карло, Рим и Мадрид, па жолтите тениски топчиња нема да се тркалаат до Вимблдон, кој се игра на тревната подлога.

Рејтинзите на светската листа се замрзнати, па лидерот кај мажите, Ѓоковиќ, на Вимблдон ќе тргне со предност од само 370 поени. Ако се играа турнирите кои беа одложени, Новак ќе собереше многу поени бидејќи не бранеше речиси ништо од лани. Вака тој треба да стравува дека може да го загуби првото место дури и ако ја одбрани титулата на Вимблдон. Доколку Рафаел Надал стигне до финале на Вимблдон, ќе ја преземе лидерската позиција.

Ѓоковиќ е во потера по два рекорди на Роџер Федерер. Едниот е по бројот на Гренд слем титули (20-17 за Федерер), а другиот по бројот на недели на првото место на АТП-листата (рекордот на Федерер е 310, а Ѓоковиќ има поминато 282 недели како прв).

Надал привремено се спаси и нема да брани огромен број поени, но подоцна ќе мора да ги брани титулите на Отвореното првенство на САД во август и Ролан Гарос во септември.

- Оглас -

Најнови вести