Ѓоковиќ и повреден е недостижен за ривалите во Мелбурн

Новак Ѓоковиќ е непобедлив во Мелбурн и сигурно чекори кон подобрување на рекордот од 8 титули на Австралија опен, по победата против Милош Раониќ со 3:1.

Иако по триумфот против Фриц во минатата рунда, српскиот ас објави дека е можно и да не игра денеска, поради скинат стомачен мускул, сепак излезе на „Род Лејвер“ арена и победи за пласман во четврфиналето на турнирот на кој го држи рекордот со 8 освоени пехари.

Првиот сет го доби фаворитот во тај-брејк со 7-4 во поени, но потоа повторно беше видливо дека има проблеми со движењето, па Раониќ го доби вториот сет со 6:4 и израмни на 1:1 во сетови.

Иако сервираше дури 26 асови, Канаѓанецот не успеа да приреди подвиг и да го елиминира првиот фаворит и носител на турнирот.

Ѓоковиќ се разигра, до крајот на мечот му дозволи на противникот да освои само пет игри и славеше со 7:6 (4), 4:6, 6:1, 6:4.

Во четвртфиналето противник на српскиот ас ќе му биде шестиот носител Александар Зверев.

- Оглас -

Најнови вести