Ѓоковиќ има план за „Операцијата Вимблдон“

Сезоната на земјена подлога за најдобрите тенисери во светот заврши, време е за краток одмор, а потоа да се премине на најбрзата подлога – трева. Сезоната на трева трае најкратко, а кулминацијата ќе биде на гренслемот Вимблдон, кој ќе започне на 30-ти јуни.

Новак Ѓоковиќ кој има седум титули на Вимблдон, моментно е во Белград каде што ќе остане додека не дојде време за тренинг на трева. Веројатно ќе одмара до следната недела, а потоа ќе отпатува некаде каде што ќе може да тренира на трева.

Преминот од земјена на тревната подлога е секогаш најтежок бидејќи се оди од најбавната кон најбрзата подлога, отскокот на топчето е поразличен, движењето е различно, полизгаво е на трева, и потребно е време играчите да се навикнат на тоа. Ако некој има способност брзо да се прилагоди на сосема нови услови, тоа е Ноле кој лани беше финалист на Вимблдон.

Иако е на петта позиција на АТП листата, тој е меѓу главните три фаворити за освојување на турнирот во Лондон. И самиот е свесен за тоа.

„Секогаш сум оптимист за Вимблдон. Тревата е подлога што ми одговара доста добро. Играњето таму што отсекогаш ми бил сон. Секој пат кога ќе стапнам на тревата таму, чувствувам посебен шарм и привилегија. Имам одлични резултати таму во последните 15 години и тоа ми дава самодоверба. Преминот од земја на трева е малку тежок, но се надевам дека ќе имам доволно време да се подготвам“, изјави Ѓоковиќ.

Не се очекува Ѓоковиќ да игра натпреварувачки натпревар пред Вимблдон, иако можеби тоа би му дошло добро за да собере поени и да се обиде да се качи на четврто место. Ѓоковиќ е петти во светот, а на „Ролан Гарос“ видовме колку е важен ранкингот.

Во четвртфиналето во Париз, Србинот се соочи со третиот тенисер во светот, Александар Зверев, а во полуфиналето против првиот носител Јаник Синер. Ако го поминеше, ќе играше финале против вториот во светот Карлос Алкараз.

Пресметката вели дека за Новак да биде четврти пред Вимблдон и сигурно да ги избегне Алкараз и Синер пред четвртфиналето, потребно е Џек Дрејпер да не стигне до полуфиналето на турнирот во Квинс.

„Ако играм добро како што играм вообичаено на Вимблдон, мислам дека на трева имам поголеми шанси да ги победам најдобрите. Чест ми е што можам да се натпреварувам на високо ниво, исто така сум благодарен на моето тело што сè уште ми служи, да играм повеќе од три часа со момци кои се 15 години помлади од мене. Гренслемите ми се приоритети. Планот е да играм на Вимблдон и САД опен, сакам да играм на нив, тоа е сигурно. За останатите, не сум сигурен“, откри Новак околу своите планови.

- Оглас -

Најнови вести