Ѓоковиќ има порака за младите тенисери: Не се предавам, ќе продолжам да ве делкам

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ сè уште нема намера да ѝ дозволи на младата генерација да доминира и најави дека уште неколку години ќе биде активен и ќе ги победува на турнирите.

Светските медиуми веќе неколку години најавуваат пад на големата тениска тројка, Рожер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, и доаѓање на новиот бран тенисери, и тоа конечно го исполни младиот Шпанец Карлос Алкараз, но српскиот тенисер сè уште нема намера да се предаде како Федерер, кој минатиот месец замина во пензија.

„Прво морам да кажам дека имам добар однос со сите, го ценам секој тенисер, посебно тие што што доаѓаат бидејќи знам што е потребно да се направи за да се успее. Мислам дека е многу добро што имаме млади момци како Алкараз, кој е прв светски рекет и гренслем-шампион, потоа Руне, кој постојано напредува, а тука е и Синер. Исто така тука се и малку постарите играчи како Циципас, Медведев, Рубљов и Зверев, кои се во топ 10 на светот, а се и гренслем-шампиони. Мислам дека промените се неизбежни по 15 години доминација на Федерер, Надал, Мари, Вавринка, Дел Потро, и секако јас сум тука. Сосема нормално е во одреден момент да дојде нова генерација“, вели Ѓоковиќ.

Србинот иако имаше чудна сезона, која започна со протерување од Австралија, успеа да обезбеди пласман на завршниот турнир во Торино, а неделава ќе настапи и на мастерсот во Париз. Тој пред двата последни турнири во 2022 година упати порака до младите тенисери:

„Алкараз дефинитивно изгледа како да има намера да доминира во наредните години. Мислам дека е добро што имаме нови лица, но јас не се предавам. Ќе се погрижам да ги исплескам секогаш кога ќе бидам во можност тоа да го направам. И тие ќе ми го направат тоа понекогаш, но се надевам дека јас ќе бидам почесто во таква ситуација“, додава Ѓоковиќ.

- Оглас -

Најнови вести