Новак Ѓоковиќ вечерва е пред нов голем предизвик. Во четвртфиналето на Мастерсот во Париз за противник го има Холгер Руне од Данска. Младиот 20-годишен дански тенисер е еден од најголемите таленти кои треба да доминираат во следните 10-тина години.
Дека Руне знае како треба да игра против најдобриот тенисер во светот, покажува и по нивните три досегашни меча. Во првата пресметка Ѓоковиќ победи со 3:1 на Отвореното првенство на САД пред две години, а потоа следуваат два триумфа на Руне, и тоа двапати со по 2:1 на турнирите во Париз минатата година и во Рим оваа сезона.
Ѓоковиќ синоќа се намачи против Талон Грикспор од Холандија, но на крајот победи со 2:1 во меч кој траеше повеќе од два и пол часа. По победата, популарниот Ноле откри дека веќе неколку дена има проблеми со стомачен вирус и дека се чувствува истоштен, но собрал сили да победи.
„Се надевам дека ќе имам доволно енергија и на мечот против Руне. Да бидам подготвен да играм и три сета ако треба. Знам дека ќе биде сè потешко и потешко, но се надевам дека ќе бидам добро“, оптимист е Ѓоковиќ.