Новак Ѓоковиќ со победата над второпласираниот на АТП, Карлос Алкарас, во полуфиналето на завршниот турнир на осумте најдобри на светот, покажа кој е кој во моментов, и истакна дека оваа сезона му е една од најуспешните во кариерата.
Србинот ги освои грен-слемите во Мелбурн, Париз и Њујорк, загуби само во Лондон на „Вимблдон“ и тоа во финалето, на праг е по рекорден седми пат во кариерата да го освои и завршниот турнир.
„Имав речиси перфектна година. Тоа што годимната ја завршувам како број 1 покажува дека сум ги постигнал сите цели, сум подобрил многу рекорди и сум напишал историја во тенисот. Да се надеваме дека може да ја завршам годината со уште една победа. Знам што може да очекувам, се надевам дека искуството ќе ми помогне“ – рече Новак кој вечер ќе ја има и публиката против себе.
Вечерва во големото финале во Торино, Новак ќе игра против Јаник Синер, Италијанецот кој испиша историја со пласманот во финалето. Синер ги доби сите мечеви на турнирот досега, го победи и Ѓоковиќ, а ако го повтори подвигот и остане перфектен, ќе добие 4,8 милион долари, што би било рекордна сума во историјата на тенисот за еден освоен турнир. Ако победи Ѓоковиќ, ќе заработи 4,4 милиони.
Синер имаше прилика да го исфрли Ѓоковиќ од турнирот ако загубеше од Холгер Руне во последниот меч од групната фаза, но Италијанецот во тој меч кој не му беше од пресудно значење, одигра чесно и му помогна на Новак да влезе во полуфиналето.