2.8 C
Skopje
среда, 29 октомври 2025

Ѓоковиќ исвиркан во Атина, навивачите не заборавиле што пееше тенисерот

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ беше во ВИП ложата на ОАКА Арената во Атина, каде што го гледаше натпреварот од 7. коло на Евролигата помеѓу Панатинаикос и Макаби Тел Авив. Неговото присуство не остана незабележано и предизвика различни реакции кај домашните навивачи, кои дури и го исвиркаа.

Како што објави грчкиот портал 1908.gr, Ѓоковиќ, познат како голем љубител на кошарката, го привлече вниманието на сите присутни во салата.

„Новак Ѓоковиќ, кој моментално е во Атина, го гледаше натпреварот помеѓу Панатинаикос и Макаби во живо. Српската тениска легенда ја искористи можноста да ја почувствува атмосферата во ОАКА Арената“, се наведува во извештајот.

Сепак, неговото доаѓање предизвика и одредени контроверзии, бидејќи Ѓоковиќ е познат како голем обожавател на Црвена Звезда, клуб кој традиционално одржува пријателски односи со Олимпијакос, најголемиот ривал на Панатинаикос.

Грчките медиуми потсетија и на снимка од „Белградска арена“ на која Ѓоковиќ претходно испеа популарна песна од навивачките групи Делије и Гејт 7, што не остана незабележано од навивачите на Гејт 13.

Ѓоковиќ ќе настапи на АТП турнирот во Атина следната недела, кој неодамна беше преместен од Белград во грчката престолнина.

- Оглас -

Најнови вести