Ѓоковиќ ја отвори душата: Многу маски паднаа, се надевам на настап на Отвореното првеснтво на Австралија

Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, во интервју за спортскиот „Спортал“ зборуваше за актуелни теми, пред сè, за предизвиците до крајот на сезоната, односно Мастерсот во Париз и завршниот турнир во Торино, како и за тоа што го очекува идната година и тоа што му се случуваше во Австралија кога беше депортиран од властите во Мелбурн.

„Се чувствувам добро. Овие две последни натпреварувања, во Астана и Тел Авив, и освоените титули ми ја подигнаа самодовербата и мотивацијата. Тоа е некако природно и нормално: кога победуваш, тогаш сакаш да играш повеќе и да ја продолжиш таа серија, па се надевам дека ќе можам да ја завршам сезоната на најдобар можен начин бидејќи оваа година беше многу необична, различна и доста предизвикувачка ментално и емоционално за мене“, вели Ѓоковиќ.

Неизбежна тема беа случувањата на почетокот од годината, кога Новак доби забрана за настап на Отвореното првенство на Австралија и потоа беше депортиран од земјата. Новак со депортицијата доби тригодишна забрана за влез во земјата, но со промената на владата постојат шанси таа да се укине и тенисерот да настапи на првиот гренслем-турнир идната година.

„Имаме некои добри најави, но сето тоа е неофицијално. Комуницираме преку моите адвокати во Австралија, односно тие комуницираат со властите и владините организации кои се одговорни за мојот случај. Се надевам на некаков одговор, без разлика што може да биде. Секако, се надевам дека ќе добијам одговор во следните неколку недели, што ќе ми овозможи адекватно да се подготвам за почетокот на сезоната, доколку тој е веќе во Австралија.

Тоа што се случи на почетокот на годината остави трага на мојата психа, посебно во првите шест месеци. Се обидував да се справам со тоа на одреден начин и мислев дека сум го надминал тоа, но не беше така. Сепак, морав со настапи на турнири да се ослободам од она чувство кое остана негативно и да се вратам во формата што ја посакував. Така и се случи, само требаше малку повеќе време.

Оваа година би ја опишал како многу интересна и необична. Но, секогаш се трудам, тоа е мојот карактер и менталитет, да извлечам позитивни работи, да гледам од посветлата страна на животот. Знам дека сè што ми се случи годинава, посебно во Австралија и сето она што следуваше потоа, како и начинот на кој луѓето се однесуваа кон мене, што не ми се допаѓаше и што никогаш претходно не сум го доживеал, сепак, ми донесе некои важни лекции во животот и сознанија за себе и за начинот на кој јас сакам да живеам, посебно во тој ‘тениски екосистем’.

Многу маски паднаа во тој процес и за мене е многу интересно да набљудувам како некој се однесуваше кон мене во текот на годината“, рече Ѓоковиќ.

- Оглас -

Најнови вести