Ѓоковиќ ја „отвори душата“: Тоа ми се нема случено 20 години

Новак Ѓоковиќ одржа прес-конференција пред првиот натпревар на турнирот во Женева, каде што минатата година стигна до полуфиналето. На изненадување на многумина, Ѓоковиќ одлучи сезонава да го прескокне Мастерсот во Рим и повторно да се појави во Женева, со цел подобро да се подготви за Ролан Гарос.

„Убаво е повторно да се вратам во Женева, играв тука за прв пат минатата година. Сакав повторно да имам неколку натпревари пред Ролан Гарос, со оглед на тоа што ги загубив моите први натпревари и во Монте Карло и во Мадрид. Со тимот решив дека ќе биде подобро за мене да се обидам да одиграм барем уште еден натпревар или повеќе за да се подготвам што е можно подобро за Ролан Гарос, најважното нешто на земја“, рече Ѓоковиќ.

Србинот го коментираше и финалето на Мастерсот во Рим, во кое Карлос Алкараз го победи Јаник Синер со 2:0 во сетови.

„Го видов крајот на првиот сет, само тие неколку гејмови, мислам дека играа на високо ниво. Тие се лидери во нашиот спорт сега, нивното ривалство е најголемо во моментов и тоа е добро за нашиот спорт, што имаме нови млади тенисери. Мило ми е што е така, во последните 20 години имаше толку возбуда околу „Големата четворка“. Тука е и Зверев, не можеме да го заборавиме. Беше убаво да се види како се натпреваруваат. Алкараз го прекина ќорсокакот со освојувањето на првиот сет, Синер малку се откажа на почетокот на вториот“, анализира Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ речиси една и пол година нема освоено АТП турнир и никако да стигне до 100-тиот трофеј. Тој се надева дека ќе ја подобри својата форма и ќе постигне подобри резултати од оние што ги постигна во Монте Карло и Мадрид, каде што претрпе неочекувани порази од Алехандро Табиљо и Матео Арналди.

„Не би рекол дека подготовките беа тешки, сè е дел од професијата и дел од поголем план за она што доаѓа. Имаше денови кои беа одлични, но и денови кои беа предизвикувачки, како и сите други. Со нетрпение го очекувам натпреварот, не сум играл многу натпревари, сè уште не сум победил на земјена подлога оваа сезона. Од тој аспект, не сум во идеална позиција, но се надевам дека ќе можам да одиграм повеќе од еден натпревар тука пред Ролан Гарос. Се надевам дека ќе можам да играм подобро отколку што играв во последните месец и пол“, заврши Ѓоковиќ.

- Оглас -

Најнови вести