Новак Ѓоковиќ вечерва реши да испрати силна порака до Србија. Тој застана на страната на Дијана Хрка, мајката на Стефан, кој беше една од жртвите при уривањето на настрешницата во Нови Сад.
Дијана Хрка започна штрајк со глад во центарот на Белград. Кога се одлучи на овој чекор, од разглас, по нечија наредба, се пуштаа срамни песни, меѓу кои и стихот „дошла мајка да си го побара синот“.
Таквиот потег на режимот предизвика згрозување низ целиот свет. Дијана доби огромна поддршка од сите страни, се огласија и спортисти, Бранко Лазиќ, Богдан Богдановиќ, Владимир Лучиќ, а сега збор зеде и најголемиот.

Новак вечерва на Инстаграм уште еднаш покажа дека е со својот народ. Тој ѝ даде поддршка на Дијана со зборовите:
„Болката на мајката не смее да биде предмет на потсмев. Нема оправдување, нема ‘друг агол’. Постојат само човечност или нејзино отсуство“, порача Новак Ѓоковиќ.
Како и сите што се против режимот на Александар Вучиќ, и Ноле е на сериозен удар од српските медиуми. Повеќето од нив се блиски до власта и ретко кој ги пренесува неговите зборови.
Семејството Ѓоковиќ, исто така, реши да ја напушти Србија. Новак и неговата сопруга Јелена сметаат дека Белград моментално не е здраво место за растење на нивните деца, Стефан и Тара, па се преселија во Атина.
Ноле стана „државен непријател“ поради поддршката на студентите. Имаше и жестоки напади кон него, а припадници на режимот му испраќаа навредливи пораки.

