По завршувањето на САД опен, од септември Новак Ѓоковиќ ќе се пресели во грчката престолнина Атина.
Најуспешниот тенисер на сите времиња деновиве е во Атина каде интензивно работи на својата преселба. Барал куќа во северно предградие на Атина, како и приватно училиште на англиски јазик за децата, а имал и вечера со премиерот Кирјакос Мицотакис, од кој добил дозвола да се пресели кај нашиот јужен сосед.
Новак планира за постојано да се пресели во Атина и во паузи помеѓу два турнири, да му се придружи на семејството.
Преселбата треба да биде олеснета преку добивање на златна виза од Грција, со која може да живее пет години, а таква виза добиваат жители на земји кои не се од ЕУ, но инвестирале во државата од која бараат таква виза.
Се шпекулира дека Новак реши да ги напушти Белград и Србија поради заладените односи со претседателот Александар Вучиќ. Ѓоковиќ во декември им даде поддршка на антивладините студентски протести во Србија кои се појавија после несреќата со настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Од 2005 до 2020, Ѓоковиќ живееше во Монте Карло, потоа за време на пандемијата се преселија во вила во Марбеља, Шпанија, а има домови и во Белград и Њујорк.