Новак Ѓоковиќ пристигна во САД, каде против младата гарда ќе се бори за 35-та мастерс и 18-та гренд-слем титула во кариерата. Србинот кој е лидер на АТП листата, а има само три гренд-слем титули помалку од рекордерот Роџер Федерер, реши да се појави на „Флешинг Медоус“, и покрај здравствените ризици.
Неговиот главен ривал Рафаел Надал реши да остане во Европа и да се подготвува за „Ролан Гарос“. На фановите на Федерер и Надал, особено на оние од САД, не им се допаѓа што Новак ќе настапи во Њујорк и коментираат дека тој сака да игра затоа што таму ќе ги нема Роџер и Рафа, па полесно ќе дојде до нов трофеј кој ќе го доближи до рекордот.
Сепак статистиката покажува дека Надал и Федерер во последните пет години имаат лош скор против Ѓоковиќ и на тврда подлога тие не се голема опасност за него, а во септември тој ќе треба да игра против ривали (Тим, Медведев, Циципас и Зверев) против кои повеќе се мачеше отколку против двајцата славни ветерани.
Публиката на „Артур Еш“ секогаш навиваше за Федерер, а сега него ќе го нема, но ќе ја нема и публиката.