Ѓоковиќ ќе се врати на теренот пред Олимписките игри во Париз

Новак Ѓоковиќ ќе се врати на теренот по операцијата на коленото на турнирот во Хамбург, кој започнува на 15 јули, објави угледниот француски весник „Л’ Екип“.

Според информациите, Ѓоковиќ теоретски би можело да заигра и на Вимблдон, кој започнува на 1 јули, но многу пореално е да го очекуваме на Олимписките игри, единствениот турнир што го нема освоено.

Турнирот во Хамбург се игра на земјена подлога, што е дотолку поголема причина тоа да биде генерален тест за стартот на Олимписките игри на 27 јули.

„Ѓоковиќ сакаше да се справи со овие најитни работи во трка со времето затоа што сака да се врати на теренот што е можно поскоро. Во ходниците на Ролан Гарос се зборува дека светскиот рекет број еден, кој се откажа од овој турнир, има цел да се врати уште на Вимблдон (1-14 јули). Без разлика што ова беше мала рутинска операција која се изведува и кај обичните смртници, се чини дека амбициите на Новак се малку преголеми и ќе му требаат најмалку три недели постоперативно закрепнување. Се разбира, зборуваме за исклучителен спортист кој е способен да одигра повеќе од три меча повреден на максимални лекови против болки, во ситуација кога обичен смртник едвај оди. Но, идејата е да се врати на земјена подлога во Хамбург на турнирот кој се игра од 15 јули до 21 јули, па настапот на Олимписките игри на 27 јули изгледа многу разумен“, пишува „Л’ Екип“.

На Новак Ѓоковиќ пред два дена му беше опериран медијалниот менискус на десното колено, а судејќи по фотографиите на социјалните мрежи, закрепнувањето почна добро и сѐ се одвива според планот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести