Новак Ѓоковиќ се пласираше во осминафиналето на АТП Мастерс турнирот во Мајами, откако без многу проблеми го победи Аргентинецот Камил Уго Карабели. Во првиот сет Ѓоковиќ започна силовито и за нешто повеќе од половина час го доби со 6:1.
Во вториот сет, Карабели даде поголем отпор. Двајцата тенисери успеаа да направат по еден брејк, па резултатот беше 6:6 и мораше да се игра тај-брејк, каде Ѓоковиќ најчесто е доминантен. Така беше и овојпат, па Србинот го доби со убедливи 7:1 за пласман во следната фаза од турнирот.
За Ѓоковиќ ова беше 411 победа на Мастерс турнирите и сега официјално го надмина рекордот на Рафаел Надал. Следен ривал за Ѓоковиќ ќе биде Лоренцо Мусети. Србинот е во потера по јубилејната 100-та АТП титула.