Ѓоковиќ му одржа тениска лекција на Хрватот Гојо и се пласира во четврфиналето

Новак Ѓоковиќ со максимална победа од 3-0 над Хрватот Борна Гојо обезбеди пласман во четвртфиналето на Отвореното првенство на САД.

Србинот уште од стартот наметна жестоко темпо и му покажа на противникот кој е фаворитот на овој меч. Првиот сет го освои Ѓоковиќ со убедливи 6-2 откако направи брејк уште во првиот гејм, а потоа уште еден во петтиот.

Вториот сет започна одлично за хрватскиот тенисер, со оглед на тоа дека уште во вториот гејм успеа да му земе сервис на Ѓоковиќ и да поведе со 2-0, но клучниот момент во сетот беше брејкот на Србинот во 11-тиот гејм, а потоа сетот беше само формалност и Ѓоковиќ го освои со 7-5.

Во последниот сет на Ѓоковиќ му беше доволен само еден брејк, а тој се случи во седмиот гејм за водство на Србинот од 4-3. До крајот на сетот, двајцата тенисери ги освоија своите сервиси за конечни 6-4 во сетот за Ѓоковиќ.

Следен противник на најдобриот тенисер на сите времиња ќе му биде домашниот тенисер Тејлор Фриц, кој во осминафиналето беше подобар од Стрикер со 3-0.

- Оглас -

Најнови вести