Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ пристигна на Индијан Велс подготвен за настап првпат по финалето што го играше на Отвореното првенство на Австралија во јануари, кога загуби од Карлос Алкарас. Ѓоковиќ во полуфиналето го победи Јаник Синер, но потоа не можеше да го издржи темпото во финалето и загуби од Шпанецот.
„Тоа беше неверојатен почеток на годината. Со оглед на тоа дека немав играно финале до Вимблдон во 2024 година и дека во минатата година постојано губев во полуфиналињата на гранслем-турнирите губејќи од Синер или Алкарас, фантастично беше чувството да се победи Синер, во еден од најепските мечеви кои ги имам одиграно во последно време. Потоа имав уште еден одличен меч против Карлос кој на крајот се покажа премногу добар“, рече Ѓоковиќ на првата прес-конференција по пристигнувањето на Индијан Велс.
Ѓоковиќ додава дека сепак е презадоволен од тоа како му започна новата сезона.
„За мене тоа беше феноменален резултат. Првенствено себеси си докажав, а потоа и на сите останати дека уште можам да се натпреварувам на највисоко ниво и да ги победам тие момци. Мојата логика е – зошто да не продолжам додека во мене ја има таа енергија, тој оган, жар и мотивација“, додава Србинот.

Новак на Индијан Велс има пет титули и е рекордер заедно со Роџер Федерер по бројот на освоени пехари. Ѓоковиќ сега ќе атакува да го остави Федерер зад себе на оваа листа.
„Имав многу успеси на овој турнир. Овој турнир секогаш ми бил еден од омилените турнири поради условите, локацијата и билизината на Лос Анџелес, еден од најубавите градови. Ова навистина е тениски рај“, заврши Ѓоковиќ, кој на овој турнир е поставен како трет носител и вечерва треба да го дознае противникот во првото коло.

