Ѓоковиќ – Надал ќе биде епска битка

Моментно најдобрите светски тенисери, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, во финалето на Отвореното првенство на Австралија од 9.30 часот, на љубителите на белиот спорт ќе им приредат спектакл во четири или пет сета, најавуваат сите аналитичари, а мислењата околу тоа кој ќе победи, се поделени.

Бидејќи тука станува дуел на двајца тенисери со приближно изедначен квалитет и искуство, веројатно психички постабилниот ќе триумфира. Надал уште нема загубено ниту еден сет, но тоа не мора ништо да значи, бидејќи сега против себе ќе го има „рекетот број 1“ кој во полуфиналето покажа дека секогаш мора да се смета на него.

ТРАДИЦИЈАТА И ПОДЛОГАТА ГО ФАВОРИЗИРААТ СРБИНОТ

Овие мајстори на тениската игра ќе играат еден против друг по 53-ти пат, досега Ѓоковиќ има 27, а Надал 25 победи. Во Мелбурн, резултатот е 1-0 за Ѓоковиќ, тоа беше легендарното финале во 2012 година кое траеше речиси шест часа, а нема да биде изненадување ако и сега играат маратон во пет сета. Сепак, Рафа ги доби последните три финалиња на големите турнири против Новак.

Ако победи Надал, ќе биде првиот во последните 50 години што успеал сите четири гренд-слем турнири да ги освои барем двапати. Но, Шпанецот има 1-3 во финалињата на АО. Триумф за Ноле ќе биде седми на АО, со што ќе биде нов рекордер. Во досегашните шест финалиња, никогаш не загубил.

Ѓоковиќ на тврда подлога против Надал има 18-7, а 8-2 на последните десет меѓусебни пресметки севкупно. На тврда подлога, Ѓоковиќ има освоено 14 сета по ред против Надал. Шпанецот последен пат го победи Србинот на тврда подлога на гренд-слем пред шест години.

Надал единствената титула во Австралија ја освои пред цела деценија. Тој го подобри сервисот и тоа е клучот на успехот, но Ѓоковиќ е играчот со најдобар ритерн, па нема да биде лесно за никого. Во полза на Надал оди податокот дека тој ги добивал сите финалиња во кои влегол без загубен сет, но досега тоа му поаѓаше од рака само на „Ролан Гарос“.

НАДАЛ ИМА ПОВЕЌЕ ВИНЕРИ И ПОМАЛКУ ГРЕШИ

Статистички, главната опиплива предност на Ѓоковиќ е процентот на освоени поени при втор сервис. Од друга страна, Надал е нешто поагресивен, има повеќе винери, подобар процент на поени на мрежа и помалку изнудени грешки.

- Оглас -

Најнови вести