Ѓоковиќ: Не ме пуштаат да влезам во САД, тоа ме мотивира на Вимблдон!

Новак Ѓоковиќ не е премногу загрижен што го загуби првото место на АТП листата, и најавува дека цел му е да освои што е можно повеќе грен-слем турнири. Годинава, тој ќе има само една шанса да се закити со грен-слем, на Вимблдон, кој почнува утре.

Србинот е главен фаворит за титула во Лондон, а како што стојат работите во моментов, нема да игра на САД опен, бидејќи тамошните власти не дозволуваат влез на лица кои не се вакцинирани против Ковид-19.

„Не ми е дозволено да влезам во САД, тоа ми е дополнителна мотивација да играм на Вимблдон“ – изјави Ѓоковиќ кој ќе се обиде по седми пат во кариерата да го освои најважниот турнир на светот кој се игра на тревната подлога.

AТП реши да не доделува поени за Вимблдон поради забраната за учество на руски и белоруски тенисери, па Новак ќе загуби уште 2.000 поени.

„Поените се важни, но не ми се важни како порано. Веќе не го бркам првото место како некогаш кога сакав да го урнам рекордот на Федерер. Тоа веќе не ми е приоритет“ – вели Ѓоковиќ, кој ја осудува забраната за настап на тенисер(к)ите од Русија и Белорусија за кои смета дека не се виновни за војната во Украина.

- Оглас -

Најнови вести