Ѓоковиќ не може да игра на Отвореното првенство на САД, го чека иста процедура како во Австралија

Новак Ѓоковиќ нема да игра на последниот гренслем-турнир во Њујорк, на Отвореното првенство на САД, ако остане невакциниран до крајот на август, кога почнува турнирот.

Процедурата за големиот тениски ас и за влез во САД ќе биде иста како и со проблематичната авантура што ја преживеа во Мелбурн, за учество на Отвореното првенство на Австралија, кога по десетдневно малтретирање, не успеа да настапи на гренслемот на почетокот на годинава.

И сега без вакцина ќе му треба чудо, односно валиден медицински доказ дека не смее да се вакцинира против Ковид, но уште отсега се најавува дека и тоа нема да биде доволно.

Тениската федерација на САД, или познатата USTA, објави дека нема да ризикува и да бара од државата специјален третман за спортистите со медицинска белешка.

Ѓоковиќ мина цела голгота во Мелбурн со таков документ и откако првично добил зелено светло за настап, документацијата при слетувањето во Мелбурн му беше одбиена, па му ја поништија и визата.

Заврши во хотел за мигранти, па имаше судење на кое му беше вратена визата, дури и тренираше на комплексот во „Мелбурн парк“, каде што се играат мечевите на Отвореното првенство на Австралија, но повторно му беше одземена визата за влез во државата и беше депортиран назад.

Искуството на Новак беше горчливо, цел свет ја следеше драмата што траеше десеттина дена и се претпоставува дека тој воопшто нема да се обидува да влезе во САД со документација за медицинско изземање од вакцинирање.

Претходно организаторите на Отвореното првенство на САД донесоа одлука да им дозволат на руските и белоруските тенисери и тенисерки да играат на гренслемот, но само под услов да настапот под неутрално знаме.

 

 

- Оглас -

Најнови вести