Новак Ѓоковиќ доживеа пораз од Карлос Алкарас во полуфиналето на УС Опен во три сета со резултат 6-4, 7-6 (7-4), 6-2. Иако беше очигледно дека телото не му дозволува да се натпреварува со 16 години помладиот Шпанец, Ѓоковиќ по завршувањето на мечот изјави дека сè уште сака да игра на гренслем турнирите.
Се гледаше дека Ѓоковиќ физички не може да му парира на Алкарас – делумно поради тоа што, и покрај грижата за здравјето, кондицијата и подготовките, возраста си го прави своето, а делумно и поради повредата која се јави кон крајот на вториот сет.
„Сè уште сакам да играм на гренслем турнирите. Ќе видиме што ќе следува. Поголеми се моите шанси во три добиени сета отколку во пет. Австралија опен е сè уште далеку. Планирам сигурно да настапам во Атина, а потоа не знам каде ќе играм и што ќе правам. И да, не знам што ќе правам после тенисот, тоа сега сѐ уште ми изгледа далечно“, изјави кратко Ѓоковиќ на прес-конференцијата.
Ѓоковиќ во дуелот со Алкарас имаше шанса да стигне до своето 38-мо гренслем финале и можност да се бори за 25-та гренслем титула. Иако станува сè појасно дека повеќе не може целосно да парира на Алкарас и Синер, најуспешниот тенисер во историјата на белиот спорт, барем засега, не планира повлекување од големата сцена.