Новак Ѓоковиќ без дилеми е најдобар српски спортист, но тенискиот „рекет број 1“ на претстојните Олимписки игри во Токио, нема да го носи знамето на Србија на свеченото дефиле на отворањето на најголемиот спортски настан.
Претседателот на Олимпискиот комитет на Србија, некогашниот трофеен кошаркарски тренер Божидар Маљковиќ, потврди дека Ноле нема да го носи знамето, и го пофали за потегот.
„Никогаш никој во Србија нема да биде како Новак. Такво нешто мајка не раѓа двапати. Освен што е неповторлив спортист, тој е и неверојатен човек. Еве ви пример: му понудивме да го носи знамето на отворањето на ЛОИ во Токио, а тој ми одговори: Претседателе, ајде да најдеме некој друг и да го направиме среќен. Јас го носев знамето во 2012 во Лондон, ајде сега да му дадеме прилика на некој друг“ – раскажа Маљковиќ.
Маљковиќ неодамна предложи белградскиот плоштад Теразије да се вика Новак Ѓоковиќ, но беше критикуван и нападнат, бидејќи не било во ред да му се даде таква чест на некој човек што е жив. Олимписките игри во Токио се презакажани за следната 2021 година.