Историски е денешниот почеток на првото коло на Отвореното првенство на САД. За прв пат, овој гренд-слем започнува во неделен термин, а не како што беше децениската традиција, возбудувањата да започнат во понеделник.
Јаник Синер и Карлос Алкарас се главни фаворити за трофејот, но секако секогаш посебно внимание предизвикува настапот на Новак Ѓоковиќ. Рекордерот по бројот на освоени гренд-слем титули, вкупно 24, ќе игра вечерва.
Според планираното, Ѓоковиќ на теренот треба да се појави во еден часот по полноќ, а за противник го има Леарнер Тиен. Американскиот тенисер е прилично непознат за Ноле, но Тиен досега покажа дека знае да биде незгоден ривал.
„Против Тиен никогаш претходно немам играно и искрено не знам многу за неговата игра. Го имам гледано неколку пати. Млад е, перспективен и брз играч. Го има победено Медведев оваа година во Мелбурн, има неколку големи победи. Едноставно тоа е тенисер кој сака да игра на големата сцена и игра без страв“, рече Ѓоковиќ во пресрет на мечот против Тиен.