32.8 C
Skopje
четврток, 17 јули 2025

Ѓоковиќ: Не сакам да делувам препотентно, но можам да освојам Златен Слем

Србинот Новак Ѓоковиќ на најдобар можен начин ја заврши една од неговите најдобри сезони во кариерата. На Завршниот Мастерс во Торино, Ѓоковиќ го освои трофејот откако со 2:0 во сетови го победи домашниот тенисер Јаник Синер.

Со оваа победа, Ѓоковиќ стигна до седмиот трофеј на Завршниот Мастерс, а постави уште неколку неверојатни постигнувања. Осми пат е најдобар на АТП-листата на крајот од годината, нешто што не му успеало на никого, а исто така стана првиот тенисер кој ја надмина границата од 400 недели во кои бил најдобар на АТП-листата.

Едноставно му нема рамен на Ѓоковиќ во моментов, иако Србинот има 36 години и е меѓу најстарите активни тенисери. Со завршување на оваа тениска сезона, Новак веднаш почна да размислува за целите што си ги зацртува за 2024 година. Ѓоковиќ е оптимист дека формата ќе му биде уште подобра, па дури верува дека може уште повеќе да доминира. Верува дека може да освои Златен Слем, а тоа е триумф на сите четири гренслем-турнири и освојување на златото на Олимписките игри кои ќе бидат во Париз.

„Дали беше реално да се очекува дека оваа година ќе освојам три од четирите гренслем-турнири? Пред пет години, а може и порано, луѓето сигурно не мислеа дека тоа е можно. Се познавам себеси и знам дека сум способен да го направам тоа. Треба да бида физички и психички подготвен. Не сакам да звучам како да немам почит кон останатите тенисери. Знам дека има уште многу тенисери кои се борат за освојување на трофеите“, вели Ѓоковиќ, кој во кариерата му недостасува еден голем трофеј, а тоа е златото од Олимписки игри.

„Ќе биде чудно чувството да се биде на Игрите, и тоа на терените на Ролан Гарос. Ќе биде слично чувството како на Вимблдон 2012 година. Мислам дека тоа беше прв и последен пат таму да се игра во дресови во боја, а не во бели дресови. Игрите се посебно натпреварување и ќе се обидам да го освојам олимпиското злато“, вели Ѓоковиќ за планот и целите во 2024 година.

- Оглас -

Најнови вести