Новак Ѓоковиќ обезбеди пласман во осминафиналето на турнирот од серијата Мастерс 1000 што се игра во Синсинати, САД, откако противникот во второто коло, Алехандар Давидович Фокина, го предаде мечот на стартот од вториот сет.
Ѓоковиќ, за кого ова беше прв меч во поединечна конкуренција по поразот во финалето на Вимблдон, првиот сет го доби со 6:4, а само по два одиграни поена во вториот сет, веќе го славеше пласманот во следната рунда. Давидович Фокина го предаде мечот поради проблеми со грбот.
Следен противник на Ѓоковиќ ќе му биде ветеранот кого го победил во сите 18 меѓусебни дуели, Гаел Монфилс.
„Гаел е неверојатна личност, многу го почитувам како тенисер и како човек. Тој им носи радост на навивачите, сите уживаат во неговите потези на теренот и тој е еден од најхаризматичните тенисери во последните две децении. Мило ми е што се врати на теренот по повредите и му се радувам на дуелот на ветераните бидејќи тој една година е постар од мене“, изјави Ѓоковиќ.
Уште еден ветеран обезбеди пласман во следната рунда, Станислас Вавринка во два сета со 6:3,6:4 го победи американскиот тенисер Френсис Тијафо и во следното коло го очекува дуел со Макс Пурсел од Австралија, кој пак со 2-1 во сетови го елиминира Холгер Руне.