Новак Ѓоковиќ призна дека денеска како да не бил тој на терен, и му фалела координација, а не знае дали тоа има врска со ударот по глава со шише кој го доби завчера.
„Секоја чест за мојот противник, првпат играм против него, одличен играч е. Не можев да ја најдам мојата игра. Не се чувствував сталожено. Бев исклучен. Денеска бев под голем стрес, што беше уште полошо од болките. Можеби има врска со тоа. Вчера бев добар. Немам направено никакви тестови, но ќе ги направам и ќе видиме што ќе се случи“, рече Ѓоковиќ после поразот во Рим од Алехандро Табило.
Новак раскажа и за инцидентот со шишето.
„За мене беше неочекувана ситуација, човекот се наведна преку оградата, шишето му испадна од ранецот, и директно ме удри во главата. Не го ни кренав погледот, почувствував силен удар, имаше крв, но успеав добро да спијам без главоболка, утредента се чувствував добро, но денеска кога излегов на теренот, кога ги облекував патиките, се чувствувам како друг играч. Како некој друг да ми влезе во патиките. Ми беше многу тешко од гледна точка на координација, ритам и рамнотежа. Бев сосема поинаков играч во однос на петокот“, додаде Ѓоковиќ.