Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ потврди дека нема намера да се откаже од тенисот додека е на врвот.
„Веќе неколку пати кажав, нема да се повлечам додека сум прв на светот и додека сум на врвот. Не сакам да го напуштам тенисот во таква ситуација. Чувствувам дека можам да продолжам да играм. Кога ќе почувствувам дека не можам да се натпреварувам на највисоко ниво и веќе нема да бидам претендент за гренслем, веројатно ќе размислам да запрам со активното играње тенис“, вели Ѓоковиќ.
Новак, кој во мај ќе наполни 37 години, свесен е дека не е тинејџер, туку татко и сопруг.
„Во приватниот живот надвор од терените се случуваат многу убави работи кои го бараат моето внимание, присуство и енергија. Среќен сум таму каде што сум во моментов, да видиме до каде ќе стигнам“, додаде Новак, кој утре рано наутро игра против Тејлор Фриц во четвртфиналето на Отворено првенство на Австралија, омилениот гренслем на Ѓоковиќ, кој го има освојувано десетпати.