Ѓоковиќ обвини дел од публиката на Вимблдон дека не го почитува

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ смета дека публиката на централниот терен на Вимблдон покажала непочитување кон него при неговата победа над данскиот тенисер Холгер Руне. Во осминафиналето носителот на 24 гранслем-титули го совлада својот противник со 6:3, 6:4, 6:2.

„На сите фанови кои покажаа почит и останаа до крајот на мечот им благодарам од дното на срцето, го ценам тоа. За другите, кои избраа да покажат непочитување кон мене во овој случај им посакувам добра вечер, многу пријатна вечер“, изјави видливо вознемирениот Србин по успехот во интервју на теренот.

„Не можам да го прифатам ова. Знам дека го поддржуваа Руне, но тоа беше и изговор за да ме исвиркуваат. Видете, јас сум на теренот повеќе од 20 години. Верувајте ми, знам како функционира ова. Но, јас се фокусирам на луѓето кои имаат почит, кои си го платиле билетот и го сакаат тенисот. Тие што го сакаат тенисот и ги почитуваат играчите. Јас сум играл мечеви и во многу полоша атмосфера, верувајте ми. И не можете да ме повредите“, додаде тој.

Следниот ривал на Ѓоковиќ ќе биде австралискиот тенисер Алекс де Минаур.

- Оглас -

Најнови вести