Новак Ѓоковиќ по рекорден 52 пат ќе игра во полуфинале на гренд слем турнир откако избори место меѓу најдобрите четири на Вимблдон. Следен предизвик за Србинот ќе биде дуелот против најдобриот тенисер во светот во моментов, Јаник Синер.
Италијанскиот тенисер е дури 15 години помлад од Ѓоковиќ, но Србинот останува рамноправен со новата генерација на одлични тенисери. Популарниот Ноле открива дека неверојатната посветеност и внимание на одржување на неговото тело е клучно за тоа зошто уште е во топ форма.
„Ова се некои нови реалности што морам да ги прифатам, кога станува збор за физичка подготовка, односно тело кое понекогаш слуша, понекогаш не. Тоа може да се промени, а јас го искусив тоа во најголема мера во последната година и пол, ситуацијата може да се промени од добра во лоша за еден ден. Без разлика колку се грижам за себе… не навлегувам во тоа, ниту пак знам колку некој се грижи за своето тело, но знам дека сум брутален професионалец кога станува збор за тоа, до тој степен што не знам дали некој се грижи толку многу… Времето надвор од теренот го поминувам со моето семејство, но сепак поминувам толку многу време доведувајќи се во оптимална форма за да можам да играм на ова ниво“, вели Ѓоковиќ, а потоа објаснува дека играњето на гренд слем каде треба да се освојат три сета за да се стигне до победа е посебно тешко.
„Луѓето однадвор гледаат и мислат дека сè е во рацете и во некое искуство, но тоа нема апсолутно никаква врска со тоа. Тоа не помага ниту пет проценти во самите победи на ова врвно ниво. Играње во три освоени сета на секои два дена… Тоа е навистина, различно животно на англиски… Гренд слем е различно животно во споредба со кој било друг турнир. Тоа е многу работа, и за телото и за умот. Тоа е мојата најголема загриженост, во однос на тоа дали ќе остане гориво за она што допрва доаѓа, а тоа е најголемиот можен предизвик, еден или два“, објаснува 24-кратниот освојувач на гренд слем турнирите.