0.8 C
Skopje
понеделник, 2 февруари 2026

Ѓоковиќ пак ги разнежни тениските романтичари, Данска има ракометни вонземјани

Неделата којашто измина беше многу возбудлива на спортски план. Освен планетарното лудило со фудбалот, овојпат во фокусот беа други два спорта. Традиционално, крајот на јануари е резервиран за тениските возбудувања и за завршницата на некое од ракометните големи натпреварувања. Така беше и овојпат.

Трофејот од првиот гранслем-турнир за 2026 година заврши во рацете на Карлос Алкарас. Младиот Шпанец испиша историја станувајќи најмладиот тенисер кој успеал да триумфира на сите четири гранслем-турнири.

Сепак, мечевите во Мелбурн ги одбележа и најтрофејниот Новак Ѓоковиќ. Иако во мај ќе полни 39 години, Србинот повторно покажа дека не се предава против многу помладите од него. Ѓоковиќ во полуфиналето по три и пол часа борба го победи Јаник Синер, додека во финалето даде достоен отпор против Алакрас, но загуби со 3:1.

Ќе беше светско чудо да ги победи Синер и Алакрас само во три дена, но и со пораз од Шпанецот, Ѓоковиќ потврдува дека ги поместува границите во овој спорт, станувајќи најстариот финалист на ОП на Австралија. Едноставно, освојувачот на 24 гранслем-трофеи уште еднаш ги разнежни тениските романтичари.

МАКЕДОНИЈА ЈА ИСПОЛНИ МИСИЈАТА НА ТУРНИРОТ НА КОЈ ШАМПИОНОТ „ПРЕДВРЕМЕ“ БЕШЕ ПОЗНАТ

Синоќа се спушти завесата и на Европското првенство во ракомет, а Данска е новиот континентален владетел. Со победата од 34:27 над Германија во финалето, Данска ги обездини сите три највредни трофеи затоа што од претходно беше и светски и олимписки првак. Едноставно, Данците доминираа на турнирот, ги мелеа противниците, само со еден кикс во групната фаза кога загубија од Португалија.

Македонија, која традиционално е дел од најдобрите на ЕП, одлично си ја заврши својата работа. Нашата селекција заврши на 14-тото место и се избори да биде во првиот барабан на ждрепката за баражот за Светско првенство, каде што сме фаворити и ќе играме против подобриот од Украина и Словачка.

АРСЕНАЛ И ИНТЕР ГРАБАТ КОН ТИТУЛИТЕ, РЕАЛ СЕ НАМАЧИ НО ПОБЕДИ, А БАЕРН СЕ ОПУШТИ 

Од фудбалските возбудувња, најинтересно беше во Топ 5 лигите. Арсенал, кој повеќе од 20 години мечтае за титулата во Премиер лигата, ја зголеми предноста на шест бода во однос на вториот Манчестер сити.

Во Серија А во Италија, Интер беше без грешка кај Кремонезе, но победија и Наполи и Јувентус. ПСЖ се врати на првото место во Франција и сега ја држи предноста од два бода пред Ленс.

Во Бундеслигата, Баерн како да се опушти, па киксира второ коло по ред, овојпат играјќи 2:2 кај Хамбургер. Фактот дека во последните две кола Баерн освои само еден бод, а Борусија максимални шест, дојде до намалување на огромната предност, па разликата меѓу првиот и вториот е шест бода.

Како што се очекува, најголема битка водат Барселона и Реал Мадрид. Каталонскиот гигант ја задржа предноста од еден бод во однос на Кралевите, кои вчера се намачија и со гол од пенал во 100-тата минута го победија Рајо Валјекано.

- Оглас -

Најнови вести