Новак Ѓоковиќ ќе се соочи со Филип Мишолиќ во третото коло на Ролан Гарос, но српскиот тенисер остана без исполнета желба од организаторите на турнирот.
Ѓоковиќ побара неговиот натпревар да не се игра во вечерниот термин на централниот терен „Филип Шатрие“, бидејќи сакаше да го следи финалето од Лигата на шампионите кое се игра во 21 часот меѓу Пари Сен Жермен и Интер.
„Ќе навивам за ПСЖ. Сигурно ќе го гледам натпреварот ако не играм во тоа време“, изјави Ѓоковиќ претходно.
Сепак, организаторите на гренслемот во Париз не ја исполнија неговата желба и го закажаа дуелот со Мишолиќ за 20.15 часот, термин кој директно се поклопува со стартот на фудбалскиот спектакл.
Пред мечот на Ѓоковиќ, на теренот „Филип Шатрие“ ќе се одиграат три други дуели: Вондрушова – Пегула, Зверев – Коболи и Бужкова – Гоф, што значи дека вечерната програма ќе биде исполнета со квалитетни мечеви, но српскиот ас ќе мора да се откаже од гледањето на фудбалското финале во Лигата на шампионите.