Ѓоковиќ: По еден пораз многу плачев, сакав да ја завршам кариерата

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ во интервју за италијански „Скај“ откри еден досега непознат детал, а тоа е дека по еден пораз од Јирген Мелцер, сакал да ја заврши кариерата. Но, тоа не се случи и Новак не само што се извлече од таа непријатна позиција, туку стана и тоа што е денеска, број 1.

Ѓоковиќ за ситуацијата со корона-вирусот вели дека проблем е што не знае кога ќе продолжат турнирите и не знае како да ја темпира формата.

„Одвај чекам да кажат кога ќе продолжи сезоната. Рекоа дека ќе почне на 13 јули, некои велат нема шанса. Важно е да се каже датум за да се има рутина. Тренирам дома, трчам со децата, но не е исто“, вели Ѓоковиќ.

Новак повтори дека два најубави меча на коишто играл и победил му се триумфот над Федерер на Вимблдон минатата година и со Надал во финалето на Отвореното првенство на Австралија во 2012 година. Но, има болни сеќавања од еден пораз во 2010 година.

„На Ролан Гарос загубив од Мелцер, плачев по испаѓањето. Тоа беа лоши моменти за мене, сакав дури и да го напуштам тенисот, пред мене гледав како црнило. По тој пораз, конечно некако се ослободив од притисокот. Пред тоа го освоив Отвореното првенство на Австралија, но не бев среќен. Знаев дека можам повеќе, а губев од Федерер и Надал. Тој пораз ми беше пресвртница, заиграв поагресивно“, вели Ѓоковиќ, кој има 16 гренд-слем титули, четири помалку од рекордерот Роџер Федерер.

- Оглас -

Најнови вести