Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, вечерва ќе го одигра својот прв меч на премиерното издание на АТП турнирот во Атина, градот кој неодамна стана негов нов дом.
Српскиот ас со своето семејство се пресели во грчката престолнина пред неколку месеци, а сега првпат отворено зборуваше за причините за таа одлука.
„Не го планирав тоа долго однапред, да бидам искрен“, рече низ насмевка Ѓоковиќ и додаде:
„Во последните две години се случија многу работи, донесовме нови одлуки и на приватен и на професионален план. Имаме две мали деца и се обидуваме да најдеме најдобра средина за нив. Тоа ни е приоритет, да растат во амбиент што е најповолен за нивното психолошко, физичко и емоционално здравје, а како семејство да имаме повеќе време едни за други“, изјави тој.
Ѓоковиќ додаде дека првите впечатоци од животот во Грција се исклучително позитивни.
„Последниве два месеца го ‘тестираме’ животот во Грција и впечатоците се многу добри. Се чувствуваме добредојдено. Луѓето се љубезни, великодушни и пријателски настроени. Како семејство, чувствуваме дека имаме повеќе време за работите што нè поврзуваат.“

Иако повеќе не доминира како порано, што е природно со оглед на годините и искуството, Новак истакна дека неговиот мотив да ја продолжи кариерата не е само спортски.
„Многумина мислеа дека ќе ја завршам кариерата по Олимписките игри, кога го освоив златото. Но, јас не играм тенис само поради успесите. Играм затоа што уживам во натпреварувањето, во процесот, во сè што тенисот ми носи — мене, на моето семејство, но и на самиот спорт, додека сум уште активен професионалец“, порача српскиот тенисер.
„Свесен сум за вниманието на јавноста и одговорноста што тоа ја носи, но уживам во тоа. Постојат и приватни, лични и професионални причини поради кои продолжувам да играм. Кога ќе постигнеш сè, па и олимписко злато, необично е повторно да се вратиш и да почнуваш одново, но токму тоа е извор на инспирација. Сè уште имам мотив и глад за нови предизвици“, заврши Ѓоковиќ
Ѓоковиќ вечерва го очекува дуел со Чилеанецот Алехандро Табило, чиј почеток се предвидува околу 17 часот.

                                    