Новак Ѓоковиќ веќе донел одлука да не се вакцинира против Ковид 19 што значи дека нема да игра на последниот гренслем во сезоната, на САД опен во Њујорк.
Претходно организаторот на турнирот во Њујорк ги објави условите за настап на американскиот гренслем, а тоа е сите тенисери и тенисерки да се вакцинирани.
Ѓоковиќ имаше многу непријатна епизода на Австралија опен кога со медицинска потврда се обиде да влезе во Мелбурн и да настапи на гренслемот.
Доживеа невидена голгота, а веднаш на аеродромот во Мелбурн му беше поништена визата, па заврши во хотел за мигранти, а потоа следуваше досега невиден случај во светот на спортот.
Еден од најдобрите тенисери на сите времиња првично го доби спорот на суд и му беше дозволен влез, па дури и тренираше на Мелбурн парк, комплекс каде се играше Австралија опен.
Но потоа пак му беше одземена визата со дискрециско право на имиграциската служба и беше депортиран од земјата.
Сега според Американската тениска асоцијација на САД, УСТА процедурата е иста, може да се влезе со специјална медицинска потврда, но Ѓоковиќ не сака да ризикува реприза од голготата што ја доживеа во Мелбурн.
„Нема да го сменам ставот и сигурен сум во мојата одлука. Би сакал да играм во Њујорк, но тоа зависи од одлуката на организаторите на турнирот и од државата. Ако не дозволат невакцинирани тенисери да играат, тогаш јас не можам ништо да сменам“, изјави Ѓоковиќ.
Утре тој ќе ја почне одбраната на титулата на Вимблдон, втор од четирите гренслема што ќе ги игра сезонава, а веројатно и последен, откако не играше на Австралија опен, а потоа настапи на Ролан Гарос, а сега речиси сигурно ќе го нема на САД опен, турнир што треба да почне на 29. август.