Првиот носител на Отвореното првенство на САД, Новак Ѓоковиќ, продолжува во свој стил да реди победи и сега е на три победи од освојување на сите четири гренслема во иста календарска година, а тоа ќе значи и нов рекорд по број на освоени гренслем-титули во историјата на машкиот тенис.
Во осминафиналето, Србинот против младиот Американец Џенсон Бруксби го загуби првиот сет со 1-6, но потоа го покажа своето вистинско лице и го совлада противникот, освојувајќи ги наредните три сета со 6-3, 6-2, 6-2. Сега Ѓоковиќ има 79 победи на Отвореното првенство на САД и се изедначи со Андре Агаси на третото место на вечната листа. Пред нив се само Роџер Федерер со 89 и Џими Конорс со 98.
„Бруксби е добар и интелегентен играч, му го кажав тоа. Беше мотивиран, одигра совршен прв сет, а моментумот се смени во средината на вториот сет, кога имавме неколку долги гејмови и го вратив брејкот“, рече Ѓоковиќ, кој со насмевка додаде дека се согласува со Енди Родик, кој рече дека Новак на противниците им ги одзема прво нозете, а потоа и душата.
Во четвртфиналето, Ѓоковиќ ќе игра против Матео Беретини, со кого се сретнаа во финалето на Вимблдон.