Ѓоковиќ првпат проговори за допингот на Синер: Пет месеци бевме во мрак!

Српскиот тенисер и 24-кратен гренслем победник Новак Ѓоковиќ, од Бризбејн, Австралија, каде доцна вечерва го почнува својот настап на турнирот, првпат проговори за скандалозната ситуација со откривањето на допинг кај Италијанецот Јаник Синер кој е на чело на АТП листата.

Во март 2024 година, Синер двапати бил позитивен на допинг тест, но избегна суспензија. Се тврди дека забранетиот лек, анаболичниот стероид клостебол, ненамерно навлегол во телото на тенисерот преку рацете на физиотерапевт кој му лечел рана на прстот со крема што ја содржела супстанцата.

Синер не доби суспензија, туку само му беа одземени 400 поени за Мастерсот во Индијан Велс и не доби парична награда за тој турнир.

„Не преиспитувам дали Јаник ја земал забранета супстанција намерно или ненамерно, го познавам одамна и не ми делува како некој што намерно би земал недозволено средство. Верувам во чист спорт и верувам дека секој играч е фер. Фрустриран сум, а и многу други тенисери како мене, што бевме држени во мрак пет месеци и се криеше за овој случај. Зошто АТП го криеше ова од јавноста? Сега го гледаме истото и за Ига Швјонтек. Тоа не е добра слика за нашиот спорт. Само се прашувам како функционира системот и зошто некои играчи се третираат поинаку од другите. Можеби затоа што некои играчи имаат повеќе финансиски ресурси и посилни адвокати за да ги решат таквите прашања“, изјави Ѓоковиќ.

Светската анти-допинг агенција, уште го гони Синер и не се откажува од барањето за суспензија, но судот одлуката ќе ја донесе во февруари или најдоцна март.

- Оглас -

Најнови вести